Во драматичен меч со две продолженија, Торонто репторс успеаја да го „скршат“ отпорот на Милвоки бакс и да победат со 118:112 за да го намалат водството на Бакси на 2:1 во финалето на Источната конференција во НБА.
Кавај Ленард го надигра Јанис Адетокумбо и уште еднаш покажа дека е еден од најдобрите кошаркари во досегашниот тек на НБА плејофот. Репторс поведоа со 13:5 на стартот, а оваа разлика стигна до 30:21 на крајот на првата четвртина за на одмор да отидат со +7 (58:51).
Но, Бакси се вратија во третата четвртина, откако наместо Адетокумбо (кој заврши со само 12 поени), се кренаа Џорџ Хил и Малколм Брогдон. Репторси пропуштија шанса за победа во регуларниот дел откако Паскал Сиакам утна две слободни фрлања при 96:94 на седум секунди пред крајот, а Мидлтон на другата страна обезбеди продолженија. На крај, Ленард во второто продолжение ја обезбеди победата за Торонто.
Ленард заврши со 36 поени и 9 скока, Сиакам додаде 25 поени, додека за Бакси, Џорџ Хил заврши со 24, а Брогдон со 20 поени. И четвртиот натпревар се игра во Канада.