Бостон Селтикс, Голден Стејт Вориорс и Бруклин Нетс забележаа победи на натпреварите кои во НБА лигата се одиграа изминатата ноќ.
Бостон, во најинтересниот натпревар, славеше во дуелот со Атланта Хокс 110:107. Селтикс кои ја забележаа деветтата победа во низа, отпорот на Хокси го скршија во самиот финиш.
Бостон го предводеше Кајри Ирвинг со рекорди сезонава 35 поени. Неговата тројка постигната на 90 секунди до крајот дефинитивно го реши победникот. Покрај Ирвинг кај Бостон се истакнаа уште Џејсон Тејтум (21 поен, 8 скока) и Ал Хорфорд на кого една асиетнција му недостигаше за трипл-дабл (15 поен, 10 скока, 9 асистенции).
Германецот Денис Шрудер беше најефикасен во редовите на Атланта, а Марко Белинели и Девејн Дедмон уфрлија по 19 поени.
Голден Стејт Вориорс прв пат сезонава постигнаа помалку од 100 поени, но и покрај тоа запишаа убедлив триумф над Мајами Хит 97:80.
Кевин Дурент со 21 поен, 8 скока, 6 асистенции го предводеше бранителот на титулата до осмата победа од стартот на сезоната. Џејмс Џонсон беше најдобриот поединец кај Мајами со 21 поен, 9 скока, 6 асистенции и 3 украдени топки.
Бруклин Нетс потешко од очекувањата, во Аризона, го добија дуелот против Феникс Санс (98:92). Дианџело Расел 13 од своите 21 поени постигна во решавачката четвртина и тој беше најзаслужниот за четвртата победа на Бруклин во новата сезона. Кај Санс блескаше Ти Џеј Ворен со 20 поени и 9 скока.