Top Sport

Ненад Димитријевиќ се приклучи на националниот тим

Машката сениорска кошаркарска репрезентација ги продолжува подготовките за августовските квалификации на ФИБА. По работната недела во Маврово, и одигрувањето на контролниот меч во Бар против селекцијата на Црна Гора, нашите најдобри кошаркари се во Скопје.

Од денеска продолжија со работа во СЦ „Борис Трајковски“ каде ќе тренираат до крајот на оваа седмица, по што следува преселба во СРЦ „Кале“.

Она што е особено важно е дека од денешниот утрински тренинг, селекторот на нашата сениорска репрезентација Александар Јончевски го има на располагање и Ненад Димитријевиќ.

Откако ги регулираше своите приватни обврски поврзани со преселбата во новиот клуб, Уникс Казан, еден од нашите најдобри кошаркари е веќе на тренинг, па новиот предводник на „црвено-жолтите“ го чека доаѓањето само уште на Кристијан Николов, за да бидат комплетни, и што е можно подобро подготвени за она што следува во последната недела од август.

Првите два меча од претквалификациите за Евробаскетот 2025, Македонија ќе ги одигра против Данска на гости на 25. август и три дена подоцна против Словачка во Скопје.

Scroll to Top