Еден од најдобрите центри во историјата на НБА лигата, Шекил О’Нил, продолжи да го провоцира кошаркарот на Јута, Руди Гобер. Шекил, пред неколку дена, ги критикуваше челниците на Јута, што му дале „супермакс“ договор на Гобер, вреден 205 милиони долари. Според него, играч кој во просек постигнува по 11 поени на натпревар, не заслужува таков договор.
„Не сакам никого да критикувам, но ова би можела да биде инспиративна приказна за сите деца. За само 11 поени по натпревар можете да добиете 200 милиони долари“, рекол О’Нил.
Некогаш најдоминантниот центар во НБА продолжил со критиките.
„Јас би имал 45 поени, 16 скока и со десет промашени слободни фрлања за три четвртини. Тој би имал 11 поени, четири скока и би го завршил мечот поради шест лични грешки во третата четвртина“, напишал Шекил на „Инстаграм“ и приложил фото-монтажа како тој во дресот на Лејкерс забива преку Гобер.
Францускиот репрезентативец му одговорил на оваа провокација.
„Ако продолжат да зборуваат негативно за мене или го омаловажуваат она што го работам, тоа само ќе покажа какви личности се. Јас секогаш ќе бидам среќен кога ќе успеам да ги надминам очекувањата. Јас ќе продолжам да работам и да ги надминувам очекувањата“, напишал Гобер.
Од почетокот на сезоната Гобер има просек од 15,5 поени и 13,7 скока по натпревар. Јута има скор од четири победи и два порази.
View this post on Instagram