Легендарниот српски тренер Жељко Обрадовиќ би можел да се врати во Панатинаикос по седум години, тврди грчкиот весник „Екатимерини“, објаснувајќи дека контроверзниот сопственик на клубот Димитри Јанакопулос веќе контактирал со српскиот тренер.
Обрадовиќ неодамна одби да го продолжи договорот со Фенербахче поради слабата форма на турскиот клуб оваа сезона и најверојатно ќе замине на крајот на сезоната. Обрадовиќ е најуспешниот тренер во Евролигата со дури девет титули, од кои пет се освоени со Панатинаикос.
ПАО е без тренер откако Американецот Рик Питино се врати во САД поради корона вирусот. Обрадовиќ беше на клупата на клубот од Атина од 1999 до 2013 година освојувајќи 12 национални титули. Фенербахче веќе го бара неговиот наследник и се верува дека тоа ќе биде неговиот „ученик“ Шарунас Јаскевичиус.