Фенербахче оваа сезона не наликува на сериозен тим. Најторфејниот тренер во Евролигата Жељко Обрадовиќ по десеттиот пораз во елитното натпреварување како да го најави своето заминување од Истанбул.
Фенербахче синоќа претрпеа уште еден шокантен пораз во Евролигата. Зенит победи во Истанбул 84:81 со тројката на Албиси постигната во последната секунда.
„Компликувана и многу тешка ситуација за сите нас. Очигледно е дека некако ќе мораме да реагираме. Не постои шанса да продолжиме вака“, рекол Обрадовиќ.
„Сакам да им честитам на Зенит. Би сакал да им се заблагодарам на навивачите за извонредната атмосфера, а ние треба да седнеме и да размислиме и секако да донесеме одлуки што ќе правиме понатаму. Се надевам дека ме разбирате. Толку од мене“, порачал Обрадовиќ.
Турските оваа негова изјава ја толкуваат како најава за заминување од кормилото на Фенербахче.
Обрадовиќ е тренер на Фенербахче од 2013 година. Со него на клупата турскиот тим го постигна својот најголем успех, кога во 2017 година ја освои Евролигата. Инаку во кариерата со Партизан, Хувентус, Реал, Панатинаикос и Фенербахче Обрадовиќ освоил девет титули во Евролигата.