Шест победи забележаа тимовите кои гостуваа на десетте натпревари одиграни изминатата ноќ во НБА лигата. Лејкерси без Леброн Џејмс го запишаа четвртиот пораз на последните пет натпревари, додека Милвоки Бакс се во серија од пет победи.
Лејкерси со Леброн Џејмс и без него се две различни екипи. Тоа го покажа и дуелот со една од најслабите екипи во лигата, Њујорк Никс.
Њујорчаните славеа во Лос Анџелес со 119:112 и го забележаа десеттиот триумф во 39. меч сезонава. Енес Кантер забележа 16 поени и 15 скока, а ист број на поени постигна и Треј Бурке. Кај Лејкерс се истакна Брендон Инграм со 21 кош.
Индијана Пејсерс, по продолжението, славеа во Чикаго 119:116. Меч-винер беше Виктор Оладипо, кој ги однесе Пејсерс до 26.победа во сезоната.
Оладипо постигна 36 поени, а одличен меч одигра и Литванецот Домантас Сабонис (23 поени, 12 скока).
Милвоки Бакс ја предводат табелата во Источната конференција со 27 победи и 10 порази, а синоќа го декласираа тимот на Атланта Хокс со 144:112. Бакс во првата четвртина постигнаа 43 поени, а истата ја завршија со предност од 29 коша.
Крис Мидлтон и Малком Брогдон постигнаа по 19 поени, а Јанис Адетокумбо забележа 16 поени, осум скока и девет асистенции.
Бостон Селтикс лесно се справија со Далас Маверикс 114:93. Лука Дончиќ кај Далас забележа 19 поени и девет скока, додека кај Селтикс се истакна Џејлен Браун со 21 поен.
Оклахома Тандер, во неизвесна завршница и благодарение на тандемот Расел Вестбрук-Пол Џорџ, победија во Портланд 111:109.
Џорџ постигна 37 поен, а Вестбрук запиша 31 поен, девет скока и седум асистенции. Демијан Лилард со 23 и Јусуф Нуркиќ со 22 поени и осум скока ги предводеа Портланд.