Американецот Феми Олуџоби (24 год, 206 см) потпиша нов едногодишен договор МЗТ, со можност тој да биде продолжен за уште една сезона.
Крилениот-центар во Аеродром дојде во февруари годинава и за нецел месец, до прекинот поради пандемијата со коронавирусот, успеа да покажа дека има квалитет за да го носи дресот на МЗТ.
Олуџоби настапи на три средби во АБА2-лигата со просек од 16 поени и осум скока, како и на два меча во Првата лига во кои просечно реализираше 16,5 поени и пет скока. Пред да дојде во „Јане Сандански“, тој неколку месеци одигра во Литванија и тоа за екипата на Лиеткабелис, а претходно, во американската НЦАА-лига, настапуваше за Оукленд колеџот, АиТ универзитетот од Северна Каролина и за универзитетот Депол.
Тој е седми сигурен кошаркар во ростерот на тренерот Ѓорѓи Кочов за новата сезона, откако претходно беа обновени договорите со капитенот Дамјан Стојановски и Андреј Маслинко, беа ангажирани Филип Бакоч и Адем Мекиќ, додека од минатата сезона договорни обврски имаат уште и Андреј Магдевски и Бојан Крстевски.
извор/mztskopjeaerodrom.mk