Првата победа на Париз, односно првиот пораз на Панатинаикос, убедливиот триумф на Црвена звезда над Фенербахче во Истанбул, триумфот на Партизан над Баерн и поразот на Реал од Басконија го обележаа третото колов о Евролигата.
Актуелниот освојувач на Европкупот, Париз првата победа во Евролигата ја забележа над бранителот на трофејот, Панатинаикос 84:80.
Домашниот тим од средишницата на првата четвртина го презеде водството, во еден момент предноста беше 16 поени, до крајот ПАО успеа да извлече пристоен пораз.
Најефикасен беше Надир Хифи со 20 поени. Американецот со македонски пасош Ти Џеј Шортс постигна 16 со седум асистенции, додека Колин Малком имаше 14.
Кај поразените одличен беше Матијас Лесор со дабл-дабл од 19 поени и 11 скока. Кендрик Нан имаше 16, а Лоренцо Браун 14 поени.
Ненад Симитријевиќ со Милано доживеа тежок пораз во Пиреа од Олимпијакос 89:68. Македонскиот репрезентативец мечот го заврши со шест поени, пет скока и седум асистенции.
Црвена звезда го декласира Фенербахче во Истанбул со 76:57. Надмоќта на српскиот шампион ја отсликува податокот дека Фенербахче ниту еднаш немаше предност.
Џоел Боломбиј со 18 поени и 11 скока, Немања Недовиќ со 17 поени и Мајк Даум со 15 поени ја предводеа Црвена звезда. Кај Фенербахче се истакна Најџел Хејс-Дејвис со 20 поени.
Партизан ја запиша првата победа сезонава во Евролигата. Во Белград црно-белите го победија Баерн со 86:78.
Стерлинг Браун беше најефикасен вој победничкиот тим со 22 поени и четири скока. Карлик Џонс постигна 14 поени, пет скока и три асистенции, а Ајзак, Френк Ниликина и Тајрик Џонс додадоа по 13.
Резултати:
Алба – Асвел 84:79
Фенербахче – Црвена Звезда 57:76
Макаби – Ефес 93:91
Олимпијакос – Милано 89:68
Басконија – Реал Мадрид 76:72
Париз – Панатинаикос 84:80
Виртус – Жалгирис 68:71
Партизан – Баерн 86:78