Шпанскиот кошаркарски тренер Чави Пасквал од следната сезона би можел да ја преземе Барселона, дознава Спорт Клуб. Тоа потенцијално ќе се случи под одредени околности, односно доколку сегашниот тренер Шарунас Јасикевичиус не постигне одредени резултати.
Главната цел на Каталонците во моментов е освојување на титулата во Евролигата. Минатата сезона литванскиот стручњак практично си ја „спаси“ позицијата победувајќи го Олимпијакос на фајналфорот во Белград, но во мечот за третото место, што сепак е само прашање на престиж во елитното европско натпреварување.
Сезонава шпанскиот гигант има посериозни намери, а раководството на Барселона цели кон врвот на Европа.
Доколку Јасиквичиус не го постигне тоа, Пасквал би можел да биде следното решение за тренерската функција, а како што дознава Спорт Клуб веќе имало контакт со шпанскиот тренер.
Барселона е трета во поредокот во Евролигата и има скор 22-11, а пред воопшто да почне да размислува за завршниот турнир од елитното натпреварување, ќе мора да го помине четвртфиналето.
Пасквал веќе работеше во Барселона. Прво беше тренер во вториот тим на Барса, а потоа три сезони мина како помошник тренер во првиот тим, од 2008 до 2016 година ја водеше Барселона како главен тренер.
Од 2020 година е тренер на Зенит од Санкт Петербург, а познато е дека руските тимови не се дел од Евролигата од почетокот на војната меѓу Русија и Украина.