Кошаркарите на МЗТ Скопје го доживеаја и десеттиот пораз оваа сезона во АБА лигата откако загубија на домашен терен од Сплит со 80:85. Тоа беше дуел со еден од директните ривали за опстанок во елитата.
Тренерот Александар Петровиќ беше разочаран и истакна дека последниот период бил клучен за поразот.
„Честитки за Сплит за битката до крајот, заслужено нè победија. Во првите три четвртини одигравме според договорот. Но во последната четвртина не бевме активни во нападот, премногу ја држевме топката. На крајот, две грешки во одбрана доведоа до две тројки. За нас ова е тежок пораз, но има уште доста да се игра. Сепак, штета е вака да се губи натпревар во кој имаш контрола над резултатот“, изјави Петровиќ.
МЗТ Скопје последниот меч во АБА во 2022 година ќе го одигра на гостински терен против Цибона на 30 декември.