Во турскиот град Датча, кошаркарот Илкан Караман (34), играч на второлигашот Чајирова Беледијеси, загина во сообраќајна несреќа. Караман во долгогодишната кариера беше турски репрезентативец и настапуваше за истанбулскиот гигант Фенербахче.
Неговата трагична смрт ја потврдија неговите поранешни клубови. Како што пишуваат турските медиуми, Караман стоел на тротоар и чекал пријател кој бил на бензинската пумпа, кога го удрил пијан возач кој изгубил контрола над автомобилот.
Несреќниот Караман починал на лице место.
Пред 12 години Бруклин Нетс го избраа како 57-ми пик на НБА драфтот, но тој никогаш не играше во најсилната лига на светот. Во својата татковина играше за Тофаш, Пинар Каршијака, Фенербахче, Бешикташ и други клубови. Со Фенербахче го освои Купот (2013) и Турското првенство (2014).