Top Sport

Пипен: Кари е како мини Леброн

Леброн Џејмс и Стивен Кари се меѓу најуспешните кошаркари на 21 век, но тешко дека би можеле да бидат поразлични по физичките карактеристики. Сепак, легендарниот крилен кошаркар Скоти Пипен направи споредба меѓу нив двајца.

Во текот на изминатата сезона многумина зборуваа за тоа дека Кари напорно работел на физичката подготовка и дека тоа е една од клучните причини за неговите фантастични игри во плеј-офот, период кога противничките одбрани се најагресивни.

„Стеф ми е како мини Леброн. Ако зборуваме за физичките карактеристики, Стеф е силен за својата висина. Мислам дека лесно може да одигра уште шест сезони. Тој е толку добар шутер, најдобар во историјата, што чувствувам дека би можел да биде на теренот во НБА во своите 50-ти години“, изјави Скоти Пипен за НБА радиото Сириус XM.

„Покрај шутирањето, кошаркарскиот коефициент на интелигенција на Кари е неверојатен, тој им покажа на многу други чувари што може да постигне во играта. Би сакал да видам како Стеф би играл доколку Кевин Дурант не дојдеше во Вориорс. Стеф е посебен играч и уживам кога го гледам“, изјави прославениот кошаркар, шесткратен шампион во НБА и седумкратен Ол-стар.

Кари, исто како Џејмс, освои четири шампионски титули во НБА. И двајцата, заедно со Пипен, беа избрани меѓу 75-те најдобри кошаркари во историјата на НБА на церемонијата одржана претходно оваа година.

Scroll to Top