Top Sport

По катастрофалниот старт и проблемите со ѕвездите, Бруклин го „шутнаа“ Стив Неш

По 2-5 скор на стартот на сезоната и откако првите ѕвезди на тимот во текот на летото се обидоа да ги примораат газдите да го отпуштат, Стив Неш, конечно, веќе не е тренер на Бруклин нетс.

Неш самиот објви дека се разделува со Нетс, тимот кој требаше да го достигне врвот на НБА лигата, но кој повеќе од една година е во хаос поради работи кои немаат врска со него. Нетси како да го потврдија тоа, велејќи во соопштението дека тој се нашол пред голем број на „непредвидливи предизвици“.

„Му се заблагодаруваме на Стив за тоа што донесе во тимот во последните две и пол сезони. Тој се најде пред голем број на непредвидливи предизвици и благодариме за неговото лидерство, трпеливост и професионалност“, вели генералниот менаџер на тимот, Шон Маркс.

Помеѓу проблемите со кои се соочи Неш можеби најголем беше Кајри Ирвинг, на кого не можеше да смета речиси цела мината сезона поради одбивањето да се вакцинира против КОВИД-19, а потоа заеедно со Кевин Дурент се обиде да примора трејд во текот на летото. Дурент, пак, наводно имаше ултиматум дека Неш и Маркс мора да заминат за тој да остане. Кајри, пак, последните денови се наоѓа во нова контроверза, поради наводните анти-семитистички линкови кои ги објавуваше на Твитер.

На теренот, Неш имаше 94-67 скор во две сезони и 7-9 скор во плејофот, вклучувајќи пораз без победа против Бостон во првото коло минатата сезона.

Scroll to Top