Трагичната смрт на кошаркарот на белградска Црвена Звезда, Нигериецот Мајкл Оџо (27) ги потресе љубителите на овој спорт ширум Европа, а навивачите на „црвено-белите“ се уште не можат да поверуваат дека го нема играчот кој, како што велат, „не газеше ниту на мравка“.
Кошаркарот почина вчера веднаш по индивидуалниот тренинг во вежбална.
Оџо ќе остане во сеќавањето на љубителите на кошарката, посебно во Србија, поради магичните игри под обрачите.
Се споделува негово интервју во кое тој раскажува колку трнлив бил неговиот пат од родното место до универзитетот „Флорида стејт“ каде што се образувал.
„Најпрво, сакав да се засолнам од студот, а втората причина беше храната. Сакав да се сместам некаде каде што ќе можам да јадам, но и ќе ми остане храна за подоцна, затоа што за 2 часа повторно ќе сум гладен“ – раскажа Оџо.
Честата потреба од храна го натерала да ги заврши со учењето по забрзана програма.
„Ми рекоа дека ако сакам на колеџ, морам да завршам шестмесечен курс во подготвително училиште. Беше тоа мојата карта за колеџ. Морав да земам он лајн часови, понекогаш бев буден по цела ноќ за да ја завршам домашната. Сега имам се на колеџот, претходно два часа по вечерата јас пак бев гладен, а немав пари. Одлучив да дипломирам и да побегнам на колеџ за да имам што да јадам“ – открил своевремено Мајкл Оџо.
Тој играше за универзитетот од 2012 до 2017 година, кога беше пријавен и на НБА драфтот.
Откако не успеа авантурата, патот го донесе во Србија, во екипата на ФМП, од каде по кратко време се пресели во Звезда.