Top Sport

Попович: Две години се подготвуваме за мечот со Франција на ОИ

Настапот на Олимпискиот кошаркарски турнир Американците го отвораат против Франција на 25 јули, а селекторот на „дрим-тимот“ кој баш и не е „тим од соништата“ на Олимпијадата, Грег Попович вели дека за тој дуел размислува секој ден.

„За тоа размислувам секој ден, за Франција се подготвуваме 2 години“ рече Попович за американските медиуми. На овој меч тој најверојатно на располагање ќе има само 9 кошаркари.

Во четвртфиналето на СП 2019 САД загубија од Франција со 89-79, и на крајот Мундијалот го завршија како седмопласирани.

Уште на почетокот на подготовките во Лас Вегас откажаа ѕвездите на Лејкерс – Леброн Џејмс и Ентони Дејвис, а потоа и Стеф Кари од Вориорси.

Каваи Ленард ќе го нема во Токио поради повреда, а поради ковид-протоколите на ОИ нема да патуваат ниту Бредли Бил, Кевин Лав и Зек Левин.

По завршувањето на финалната серија во НБА лигата меѓу Феникс и Милвоки (вечерва се игра шестиот меч, може да е одлучувачки) на селекцијата директно во Токио ќе и се приклучат Дејвин Букер, Крис Мидлтон и Џру Холидеј.

На 4 подготвителни натпревари САД има 2 порази и 2 победи, а на олимпискиот турнир, освен со Франција, во група се и со Иран и Чешка.

Scroll to Top