Top Sport

Работнички со супер-четвртина поведе против МЗТ

Финалето на македонската кошарка помеѓу „вечните“ Работнички и МЗТ Скопје започна со бура обвинувања и со забрана за гостинските фанови во „Градски парк“, но и со победа на најтрофејниот клуб од 86:77 обезбедена со фантастичен пресврт во последната четвртина од мечот.

Откако првото полувреме помина во израмнета игра во која и двата клуба не успеаја да направат разлика (на полувремето беше 42:42), актуелните шампиони МЗТ во третата четвртина играа многу подобро и во последните 10 минути влегоа со четири поени предност (65:61).

Но, тогаш искуството на тимот на Марин Докузовски се покажа и Работнички удобно стигна со победа од 86:77 за да поведат со 1:0 во финалната серија. Единствена дамка за Работнички може да е повредата на Димитар Мираковски во третата четвртина од мечот, по која е неизвесен неговиот настап во финалето.

Најефикасен во тимот на Работнички беше Чавдар Костов со 21 поени, а Робинсон додаде 18, додека за МЗТ, Дамјан Стојановски и Лалиќ имаа по 18 поени.

„Металците“ ќе имаат шанса за реванш веќе во вторник (17 часот), кога се игра вториот меч, овојпат пред нивната верна публика.

Фото: МЗТ Скопје

Scroll to Top