Никола Јокиќ стана третиот кошаркар од Европа што е прогласен за МВП на регуларниот дел од НБА лигата. Пред него, тоа признание го добија Германецот Дирк Новицки и Гркот Јанис Адетокумбо.
Српскиот центар во регуларниот дел од сезоната имаше учинок од 26,4 поени, 10,8 скока, 8,3 асистенции, 1,3 украдени топки и 0,7 блокади по меч.
Хрватската кошаркарска легенда, Дино Раџа во интервју за „Индекс.хр“ вели дека наградата е апсолутно заслужена.
„Апсолутно заслужено. Зад Никола е неверојатна сезона, се работи за уникатен талент кој кошарката ја разбира сосема поинаку. Момчето има неверојатна кошаркарска интелегенција. Одигра сезона без дамка и од се срце му честитам. Јокиќ може да стане најдобриот европски кошаркар на сите времиња. Тој веќе нема што да научи во кошарката, само да го поправи физикусот и мислам дека без проблеми ќе доминира следните 10 години“ смета Раџа.
Хрватот смета дека е неблагодарно да го споредува со кошаркарски величини пред се затоа што кошарката драстично се промени во последните 20 години.
„Нападот стана приоритетен во однос на одбраната. Кога би се судриле Јокиќ и Арвидас Сабонис, Литванецот физички би „го изел“, додека Никола ја има леснотијата што Арвидас ја немаше“ вели Раџа.