Top Sport

Рафал на Богдановиќ, Србија петта на СП (Видео)

Србија во конечниот пласман го освои петтото место на Светското кошаркарско првенство во Кина. Србите во борбата за петтата позиција ја победија Чешка 90:81 (20:20, 21:30, 28:12, 21:19).

Србите, разочарани што беа елиминирани од борбата за медалите, против Чешка одиграа чуден натпревар. Избранците на Саша Ѓорѓевиќ делуваа незаинтересирано и анемично во нападот, а во првото полувреме речиси и да не играа одбрана.

Таквата индолентност Чесите знаеја да ја казнат и на полувреме заминаа со предност од девет поени.

Во второто полувреме Србите заиграа сериозно, стегнаа во одбраната, Чесите не може да дојдат до лесни позициии за шут, па за кратко време негативата од девет поени Србија ја претвори во двоцифрена предност.

Максимално предноста на Србите достигна 18 поени кога и двете репрезентации престанаа да играат. До крајот Чесите изборија пристоен пораз.

И на овој меч блескаше Богдан Богдановиќ. Најдобриот стрелец на турнирот мечот го заврши со 31 поен, 4 скока и 3 асистенции. Бекот на Сакраменто Кингс погоди 7 тројки од 12 обиди. Солидни кај Србите беа уште Јовиќ (12 поени, 7 скока, 6 асистенции), Милутинов (14 поени, 7 скока) и Јокиќ (7 поени, 14 скока, 7 асистенции).

Чешка, чии кошаркари го остварија најдобриот пласман во историјата на СП, ја предводеа Ауда со 16 поени, односно Балвин со 12 поени и 10 скока.

Scroll to Top