Кошаркарите на Фенербахче, Реал, Панатинаикос и Макаби забележаа победи во првите натпревари од второто коло во Евролигата.
Европскиот првак Фенербахче го запиша првиот триумв во новата сезона. Фенербахче вложи многу труд и по дополнителните пет минути оствари победа над Армани во Милано 92:86. Во регуларниот дел натпреварот заврши 80:80, откако Мицов погоди тројка за Армани на седум секунди до крајот.
Слукас со 17 поени и 9 асистенции, Датоме и Вонамејкер со по 16 и Мели со 15 кошеви и 11 скока го предовеа Фенербахче. Најефикасни кај Армани беа Мицов и македонскиот репрезентативец Џордан Тиодор со по 16 поени.
Реал во дербито ја совлада ЦСКА Москва 82:69, но во текот на натпреварот остана без двајца важни играчи. Српскиот центар Кузмиќ го повреди коленото во втората четвртина и во солзи го напушти теренот, а во третата четвртина поради повреда на десната рака од игра излезе и Американецот со пасош на Словенија Рендолф.
Реал го искористи лошиот шутерски меч на ЦСКА, чии играчи погодија само 17 од 45 обиди за два поени.
Рендолф иако не играше во последната четвртина беше најефикасен со 16 поени, додека кај ЦСКА се истакна Клајбурн со 15 поени.
Панатинаикос по дебаклот кој го доживеа минатиот петок во Барселона успеа да слави на домашен терен против Бабмерг 93:83.
Синглтон оставри двоен ефект од 15 поени и 11 скока, а најефикасен кај домаќините беше Калтес со 23 поени. Радишевиќ и Хикмен го предводеа Бамберг со по 19 поени.
Макаби прокоцна 14 поени предност против Басконија, но на карајот благодарение на поранешниот играч на Мајами Хит Норис Кол успеа да победи 74:68.
Членот на шампионскиот тим на Мајами, Кол постигна 24 поени, а Томас уфрли 17, додека кај басконија се истакна Бубоа со 22 поени.