Брилијантен натпревар, изминатата ноќ, во Торонто одиграа Репторс и актуелните шампиони Голден стејт Вориорс. Домаќините победија по едно продолжение 131:128, откако во регуларниот тек немаше победник 119:119.
Кевин Дурент блескаше во редовите на Голден стејт, успеа да погоди две тројки во финишот и да го однесе мечот во продолжение, но не успеа да го спречи поразот на својот тим.
Дурент натпреварот го заврши со 51 поен, 11 скока и шест асистенции, а добар меч одиграа кај Голден стејт уште и Клеј Томпсон (23 поени) и Јонас Јеребко (20 поени).
Репторс ги предводеше Каваи Ленард со 37 поени и осум скока, а во чекор до следеа Паскал Сиакам со 26 и Серж Ибака со 20 поени.
ЛА Лејкерс, на домашен терен, славеа над Индијана Пејсерс 104:96. Лејкерс ја прекинаа серијата од два порази пред своите навивачи. Најзаслужен за тоа беше Леброн Џејмс кој забележа 38 поени, девет скока и седум асистенции. Пејсерс ги предводеше Домантас Сабонис со 20 поени и 15 скока.
Победа запиша и вториот тим од Лос Анџелес. Клиперси славеа над Сакраменто Кингс 133:121 и ја задржаа челната позиција во Запдната конференција. Клиперс победата ја најавија во првиот период кога постигнаа 42 поени. Низ текот на целиот натпревар Клиперс имаа реализација од поле од 56 отсто.
Тобијас Херис уфрли 28 поени, а Монтрезл Харел 24 за Клиперс. Сакраменто го предводеше српскиот репрезентативец Богдан Богдановиќ со личен рекорд од 26 поени.