Кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс Остин Ривс веројатно нема да игра за Германија на претстојниот Мундобаскет.
Бабата на Ривс е од Германија, а преку неа тој минатата година успеа да извади пасош. Неговиот брат Спенсер игра во Германија за Бросе Бамберг.
Сепак, Остин, според селекторот, Гордон Херберт, ги игнорира неговите повиците.
„Го контактирав преку СМС, му се јавував, но не добив одговор“, изјави Херберт.
Ова не е во согласност со претходните изјави на Ривс.
„Заинтересиран сум да играм за Германија. Веќе разговарав со Денис Шрудер за тоа. Имав долг разговор со Гордон Херберт минатата година”, изјави Ривс во февруари, но јасно е дека нешто се смени оттогаш.
Ривс се подобри многу од дебитантската година. Во текот на регуларниот дел од сезоната, тој имаше просек од 13 поени на 52,9 проценти шут од поле.
Ривс одигра неверојатно за Лејкерси во вториот дел од сезоната. Еден е од најзаслужните што „езерџиите“ изборија место во плеј-офот. Според медиумите во САД, за него се заинтересирани во Јута Џез, бидејќи по завршувањето на сезоната ќе стане слободен играч. Наводно му нудат четири годишен договор вреден 99 милиони долари.