Кошаркарот на НБА тимот, Чикаго Булс, Чехот Томаш Саторански изрази незадоволство што не може со семејството да се вратат во татковината.
Натпреварувањето во НБА е суспендирано на неодредено време поради пандемијата на коронавирусот, а како што пренесуваат медиумите, на странците во САД не им било дозволено да се вратат во родните земји.
„Не е пријатно да се биде овде и да се гледа како сопствениците на тимовите се обидуваат да најдат решение сезоната да се заврши само за да не изгубат големи пари. Не ни е пријатно, затоа што со жена ми и ќерката сакаме да одиме во Чешка. Мене ми се чини дека сезоната ќе биде откажана“ – вели Саторански.
Тој вели дека она што најмногу му пречи е како луѓето се однесуваат.
„Овде се уште има луѓе на улиците, децата си играат надвор. Не ја сфаќаат ситуацијата сериозно. Тоа ме прави нервозен“ – вели Саторански.
Деновиве се шпекулира дека сезоната во НБА лигата би можела да продолжи на средината на јуни.