Top Sport

Се подготвува трејд на три екипи во Евролигата

Италијанскиот весник „Супер баскет“, кој веќе подолго време е и интернет портал, носи интересни информации во врска со трансферите на кошаркарите во Евролигата. Овој извор најавува трејд на три клуба. Размената би била реализирана во последните денови од 2023 година.

Како што пренесува „Супер баскет“, Олимпија Милано е заинтересирана за услугите на грчкиот плејмејкер Ник Калатес, кој моментално настапува за Фенербахче од Истанбул.

Во Ломбардија се подготвени да се откажат од Кевин Пенгос, плејмејкер од чии настапи во клубот не се задоволни. Во почетокот Армани сакаше да го испрати Пенгос во Валенсија, но тој трансфер не беше успешен. Пенгос играше за Жалгирис од 2016 до 2018 година и како што тврди „Супер баскет“, тој би можел да се врати во Каунас.

Сепак, за да биде реализиран трејдот на трите клуба, нешто треба да добие и Фенербахче. Турскиот тим го сака најдобриот играч на Жалгирис, Кинан Еванс.

Токму во неделата се појави информација дека раководството на Жалгирис ги слуша понудите за Американецот, кој во Евролигата во просек постигнува по 16 поени по натпревар. Раководството на клубот од Каунас не сака да остане без никакво обештетување на лето, со оглед на тоа што е извесно дека Еванс ќе замине во некој од богатите европски клубови.

Договорите на тројцата плејмејкери истекуваат на 30.06.2024 година.

Scroll to Top