Македонската кошаркска репрезентација со победа во Словачка (66:74) ги започна претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2021 година.
Без неколкумина стандардни, избраниците на селекторот Јорданчо Давитков, доминираа и го контролираа резултатот во текот на целиот натпревар, исклучок се само лошите три минути на стартот од последниот период кога Словаците се доближија на негатива од четири поени.
„Изигравме добар натпревар. Во секој случај, особено во првите три четвртини игравме одлично. Играчите го испочитуваа се она за кое се договоривме пред натпреварот. Игравме одлична одбрана на Кјурик, успеавме да го отсечеме комплетно. Во последната четвртина малку ни опадна концентрацијата, тие погодија некои нелогични тројки. И покрај тоа, ние цело време имавме контрола над резултатот. Секако дека сум задоволен од играта и од победата, со мислите одиме понатаму, – за три дена против Швајцарија во Скопје“, рекол селекторот Давитков.
Македонија до победата ја предводеа Ричард Хендрикс, кој блескаше со 21 поени, 14 скока, 4 украдени топки и 2 блокади, односно капитенот Војдан Стојановски со 20 поени и 6 асистенции.
„Ова е важна и голема победа за нас, одигравме одличен натпревар, особено во одбраната. Во второто полувреме ние пропуштивме некои отворени шутеви, но сепак на крајот успеавме да победиме. Тоа е важно за нас“, кусо изјавил капитенот Стојановски.
Наредниот меч македонските кошаркари ќе го одиграат в недела, кога во Скопје ќе гостува Швајцарија.