Милвоки Бакс не им дозволија уште еден брејк на Бостон Селтикс, во полу-финалето во Источната конференција, во НБА лигата. Екипата која го забележа најдобриот резултат во основниот дел од сезоната победи 123:102 и го израмни резултатот во серијата на 1-1.
Клучен дел од натпреварот беше третата четвртина во која Бакс постигнаа 39, а примија 18 поени. Инаку, во првото полувреме, кошаркарите на Милвоки постигнаа 11 тројки, што е нов рекорд во плеј-офот на оваа франшиза.
На крајот Јанис Адетокумбо забележа 29 поени и 10 скока, а Крис Мидлтон 28 поени (7 тројки), и 7 асистенции, а Ерок Бледсо постигна 21 поен.
Најпрецизни играчи на Бостон беа Маркус Морис со 17, Џејлен Браун со 16 и Ал Хорфорд со 15 поени. Разочара Кајри Ирвинг кој постигна девет поени, погоди само четири од 18 обиди од поле.