Само два натпревари во текот на изминатата ноќ се одиграа во најсилната кошаркарска лига во светот и во двете играа екипи од Западната конференција. Победи забележаа Голден Стејт Вориорс и Оклахома Тандер.
Водечките две екипи на Западот и воопшто во лигата Голден Стејт Вориорс и Хјустон Рокетс играа во Тексас, а победата ја однесоа актуелните шампиони, Вориорс 114:124.
Хјустон добро започна добро, првиот период го доби 37:33, но потоа Стеф Кари и дружината ја презедоа контролата врз играта и на крајот славеа со разлика од 10 поени.
Двата тима во дербито беа ослабени бидејќи кај Хјустон го немаше Џејмс Харден, а кај Голден Стејт Кевин Дурент.
Вориорс беа предводени од Стеф Кари (29 поени, 9 скока, 5 асистенции) и Клеј Томпсон (28 поени, 4 асистенции). Брилијантен беше и Дрејмонд Грин кој имаше учинок од 17 поени, 14 скока и 10 асистенции. Грин го забележа 21.трипл-дабл во кариерата со што стана рекордер на франшизата од Оукленд.
Кај Хјустон се истакнаа Ерик Гордон со 30, Џералд Грин со 29 и Крис Пол со 28 поени.
Вориорс се први во лигата со скор 31-8, а Хјустон е зад нив со скор 27-10.
Гостите славеа и во вториот меч кој се одигра во Лос Анџелес. Клиперс се поразени од Оклахома Тандер 117:127 во чии редови блескаше Расел Вестбрук.
Клиперси имаа предност по три четвртини 97:94, која Оклахома ја анулира на стартот од последниот период, а потоа предводени од Вестбрук стигнаа до победата.
Пол Џорџ беше најефикасен кај Оклахома со 31 поен, но тимот до победата го предводеше Вестбрук со 29 поени, 12 скока и 11 асистенции.
Деандре Џордан имаше 26 поени и 17 скока, ист број на поени постигна Лу Вилијамс, а два коша помалку уфрли Блејк Грифин.