Top Sport

Шекил воодушевен од Јокиќ

Никола Јокиќ брилијантно го одигра првиот натпревар од НБА финалето. Тој ги предводеше Денвер Нагетс до водство 1:0, во серијата против Мајами Хит, а по натпреварот имаше можност да разговара со легендарниот Шекил О’Нил.

Шек работи како аналитичар на медиумската компанија ТНТ. Тој во повеќе наврати го изразуваше своето воодушевување од начинот на кој игра Србинот.

Јокиќ, натпреварот го заврши со 27 поени, 10 скока, 14 асистенции, по една украдена топка и блокада и две загубени топки за нешто повеќе од 40 минути игра.

„Не ги фалам често центрите, но тебе морам да ти ги дадам сите пофалби на светот. Навистина е импресивно она што можеме да го гледаме. Можеби сум ситничар и многу се жалам, но знаеш што? Ти ги давам сите пофалби. Сега и официјално си член на „Алијансата на центри“. Америка, ова е вистинскиот центар. Другите момци не се, но ти си вистинскиот“, изјави Шекил О’Нил.

Инаку, „Алијансата на центри“ на Шекил се Хаким Олајџувон, Дејвид Робинсон, Чарлс Баркли, Тм Данкан.

„Ти благодарам Шек, ова многу ми значи“, одговори Јокиќ.

Вториот натпревар од серијата е закажан за ноќта меѓу недела и понеделник во два часот по средноевропско време, а мечот ќе се игра и во Денвер.

Scroll to Top