Top Sport

Шрудер му одговори на Атаман: За среќа, никогаш нема да ми бидеш тренер

Се чини дека крајот на Евробаскетот не значи и крај на расправиите – барем не меѓу селекторот на Турција, Ергин Атаман, и МВП на турнирот, германскиот плејмејкер Денис Шрудер.

Сè започна кога Атаман изјави дека е „најдобриот тренер во последните десет години“. На тоа реагираше Шрудер, а турскиот стратег возврати со коментар дека Германецот е „проблематична личност“.

„Германија победи во натпревар кој мислеше дека ќе го изгуби, па играчите добија дополнителен елан. Шрудер со ова видео покажа одреден проблем во карактерот. Не е тоа голем проблем, го припишувам на младоста. Но, тренерите во НБА треба да размислат – не е случајно што игра за различен тим секоја година“, изјави Атаман.

МВП-играчот на Евробаскетот не молчеше. Со порака на Инстаграм, Шрудер му возврати директно:

„Среќа што никогаш нема да бидеш мој тренер. Јас не ја започнав оваа расправија – ти ја започна. Ако веќе зборуваш глупости, поткрепи ги со аргументи – а тоа не го направи. Жал ми е, тренеру, звучи како да си повреден. Сепак, само љубов. Јас ќе бидам тоа што сум, а луѓето што ме познаваат – знаат.“

Не е првпат Атаман да влегува во вербални дуели со противници и кошаркари, но овојпат ја предизвика реакцијата на еден од најгласните и најхаризматични играчи во Европа. Спорот меѓу двајцата продолжува да ја бранува јавноста, а навивачите веќе коментираат дали ова ќе има епилог и на теренот.

Scroll to Top