Познатиот руски кошаркар Алексеј Швед синоќа за прв пат се појави во јавноста откако на почетокот на месецот беше брутално претепан на улица во Москва. Швед заврши во болница со сериозни повреди на главата.
Швед беше на мечот на својот тим ЦСКА Москва, кој го победи Зенит со 72:69 и ја заврши сезоната на третото место во ВТБ лигата. Серијата против Зенит, ЦСКА ја доби со 4:1.
За прв пат во историјата на ова натпреварување ЦСКА не влезе во финалето, а по поразот во полуфиналната мајсторка од Локомотив Кубан, Швед беше нападнат од група незадоволни навивачи.
„Се чувствувам добро и мило ми е бидејќи сум овде. Како играч ќе се вратам на теренот следната сезона, ќе ја продолжам кариерата”, изјави 34. годишниот Швед
„Повредите се сериозни, но закрепнувањето оди добро. Имав контузија на мозокот, хематом, воздух влезе во фрактурата, а имам и уште една фрактура. Се уште не слушам добро на левото уво”, рече Швед, кој беше отпуштен од болница на 9 мај, осум дена по нападот. Му дијагностицирале ретроградна амнезија, напукната темпорална коска и епидурален хематом.
Инцидентот се случи вечерта кога ЦСКА загуби од Кубан со 104:103 и ја загуби полуфиналната серија од ВТБ лигата со 4:3. По натпреварот, Швед отишол во ресторан во центарот на Москва на вечера со семејството и пријателите.
Истрагата е во тек, а Швед е убеден дека бил нападнат од луѓе кои се обложиле на ЦСКА и изгубиле многу пари поради тој пораз. Меѓу нив бил и 17. годишниот Рамзин Амирасланов, чиј татко е моќен бизнисмен и има адвокати кои се обидуваат да го ослободат од вина или барем да ја ублажат неговата вина во тепачката.
Тврдат дека се започнало затоа што сопругата на Швед, Анастасија, меѓу другото, на национална основа го навредувала Амирасланов. Швед, пак, настаните од кобната вечер ги видел вака:
„Тие се обложиле на наша победа и ги загубија парите. Кога налетаа на мене по натпреварот, почнаа да ме навредуваат. Не опколија, а потоа дојдоа уште неколку други лица. Не можевме да побегнеме. Ѝ кажав на сопругата да продолжиме, но во тој момент почнаа да ме удираат по нозете и по главата. И одзади. Потоа не се сеќаван на ништо, веднаш ме однесоа во болница“, изјави Швед, а пренесе Обсервер. .
Малолетниот Амирасланов и уште три лица кои учествувале во нападот се уште се во притвор и тврдат дека не се чувствуваат виновни. Адвокатите имаат намера да го искористат тоа што Швед добро закрепнува за да ја намалат казната, пишуваат руските медиуми.
Кошаркарот тврди дека адвокатите на напаѓачот му се јавиле, но „не за да се извини или понудат обештетување, туку со нови тврдења и навреди“.