Претседателот на Србија Александар Вучиќ објави дека повторно станал студент. Тој се запишал на Високата спортска школа, имал намера да стане кошаркарски тренер.
„По втор пат во животот станав студент, сакам да станам кошаркарски тренер за деца. Не можете да верувате колку сум среќен што после толку години тргнувам да ги остварам сништата што ги имав во детството“, напишал српскиот претседател на „Инстаграм“.
Претходно тој својата намера ја открил во интервјуто за весникот „Курир“.
„Нема ништо поубаво од она кога саботите и неделите ги минувате со млади играчи, со деца што можете нешто да ги научите. Поради тоа ќе морам да се запишам на Вишата тренерска школа. Можете и да следите како ќе ги полагам испитите“, рекол Вучиќ.