Top Sport

Стеф Кари: Добро е што сега се повредив

Ѕвездата на Голден стејт Вориорс, Стеф Кари, е добро расположен кога дополнителните лекарски прегледи покажале дека повредата на глуждот не е сериозна. Кари се повреди пред три дена на натпреварот во Њу Орлеанс.

„Кога веќе се случи ова, добро е што е сега, а не некаде во финишот на сезоната. Ќе имам време да се рехабилитирам и да бидам здрав, а тимот ќе може да го пронајде вистинскиот ритам. Долгорочно, ова е добро за нас“, рекол Кари.

Поради повредата, тој не можеше да игра изминатата ноќ во Шарлот, град во кој ги мина детството и средношколските денови. Тој признал дека не требало да се обидува да спаси една топка во ситуација кога натпреварот веќе бил решен.

Кари има долга историја со повредата на глуждот, но на тоа гледа со оптимизам.

„Тимски гледано, ова е најдоброто сценарио. Не знаев колку е сериозна повредата, а резултатите покажаа дека не е ништо страшно. Ќе одам на рехабилитација и добро ќе се подготвам“.

Кари во меѓувреме разговарал и со Квин Кук, кој ќе го пополни неговото место во тимот. Кук, кој игра во развојната Г-лига против Шарлот, имаше учинок од осум поени и по три скока и асистенции.

„Разговаравме за подготовките за натпреварот и за некои акции. Ми кажа дека секогаш можам да побарам совет. Ми помага и тоа го ценам“, рекол Кук.

Лекарите повторно ќе извршат прегледи врз повредениот глужд на Кари за две недели, а во клубот не ја исклучуваат можноста тој да отсуствува подолго.

Scroll to Top