Ситуацијата во кошаркарскиот клуб Монако станува сè потешка, а тренерот Василис Спанулис наводно размислува да го напушти клубот по поразот од Фенербахче.
Тимот од Кнежевството моментално е на 10-то место во Евролигата со резултат од 14-16, а француските медиуми објавуваат дека инцидентот меѓу Мајк Џејмс и Ели Окобо, кој се случи по натпреварот во Истанбул, дополнително ја влоши веќе напнатата ситуација во тимот.
„Вчерашниот инцидент меѓу Мајк Џејмс и Ели Окобо, заедно со игрите што ги прикажува тимот во последно време, го стави тренерот во многу тешка позиција, бидејќи има проблеми со контролирањето на тимот во овој хаос“, објавија француските медиуми.
„Спанулис е свесен дека ваквата ситуација не може да трае долго, што ја зголемува можноста да поднесе оставка и да бара нова работа“.
Францускиот спортски весник „Екип“ објави дека играчите ги добиле своите плати за февруари, но дека голема неизвесност сè уште владее над клубот.
Во меѓувреме, ѕвездата број 1 на тимот, Мајк Џејмс, јавно се извини за инцидентот во кој го турна соиграчот Ели Окобо.
„Ова е мое јавно извинување за начинот на кој реагирав на крајот од вчерашниот натпревар. Му се извинувам на мојот брат Ели и на семејството Окобо. Ова е срамно за сите нас и сигурно требаше да реагирам поинаку. Дозволив моите емоции да ме совладаат“, рече Џејмс.
Foto/ depositphotos
