Легендата на Сан Антонио Спарс, Тим Данкан, се вратил во редовите на франшизата од Тексас. Тој ќе работи како асистент во стручниот штаб на Грег Поповиќ. Со оглед на тоа за каква легенда се работи Спарс многу скромно го најавија неговото враќање. Во објавата навеле само дека во 1997 година пристигнал од универзитетот Вејк Форест и дека 19 години бил играч на Сан Антонио.
Франшизата не спомна дека освоил пет НБА-титули со Спарс и дека е рекордер според бројот на поените, скоковите и блокадите, дека 15 пати бил „Ол-Стар“, дека три пати бил МВП на финалните серии и дека два пати бил МВП на сезоната.
„Тоа е нормално, откако 19 години јас му бев помошник на Тим Данкан, сега е време тој да ја возврати услугата“, се пошегувал тренерот Поповиќ.
Покрај Данкан, асистенти на Поповиќ наредната сезона ќе му бидат Вил Харди, Чип Енгеланд и Беки Хемонд која го предводеше тимот во летната лига.