Тимот на Јанис Андетокунмбо го победи тимот на Леброн Џејмс со 184:175 на Ол-стар натпреварот, во Солт Лејк Сити, Јута.
Најавениот спектакл некако изостана, главните актери на натпреварот делуваа незаинтересирано, а резултатот беше доста убедлив.
Џејсон Тејтум одигра историски натпревар и мечот го заврши со рекордни 55 поени, соборувајќи го досегашниот рекорд кој го држеше Ентони Дејвис со 52 поени од Њу Орлеанс. Тејтум е првиот играч во историјата кој постигна 50+ поени во еден натпревар во регуларниот дел од сезоната и на ол-стар натпреварот.
Одличен беше Донован Мичел со 40 поени, Дејм Лилард 26, Лаури Марканен 13, а двоцифрен во тимот на Јанис Адетокумбо беше и Паскал Сијакам со 12 поени.
Во тимот на Леброн Џејмс, српскиот репрезентативец Никола Јокиќ го заврши мечот со 4 поени, 5 скока, 6 асистенции и 2 украдени топки, додека Лука Дончиќ имаше 4 поени, 2 скока и 5 асистенции.
Џејлен Браун беше најефикасен со 35 поени, Кајри Ирвинг и Џоел Ембиид постигнаа по 32, а Ирвинг додаде и 15 асистенции, Тајрис Халибартон постигна 18 поени, Леброн Џејмс 13, а Ентони Едвардс постигна 12 поени.
Јанис Адетокумбо одигра само 20 секунди, бидејќи пријави повреда и по забивањето за првите поени од мечот, направи прекршок, ја напушти играта и не се враќаше на теренот.
Леброн Џејмс играше малку повеќе, цело прво полувреме беше на паркетот, па дури и фати атрактивно забивање за асистенција на Никола Јокиќ, потоа пријави и повреда и не играше во вториот дел.
Тој беше таму да ги поздрави ќерките на покојниот Коби Брајант, и да прими честитки од великаните на НБА, за неодамна соборениот рекорд на Карим Абдул Џабар за најмногу поени во историјата на кошарката.
Наредната година Ол-стар натпреварот ќе се одржи во Индијанаполис.