Top Sport

Тодоров: Доминиравме во скокот, тука го добивме натпреварот

МЗТ синоќа ја забележа првата гостинска победа во АБА лигата, втора во сезоната во регионалната лига, откако во Лакташи ја совлада Игокеа 108:99. Тренерот Александар Тодоров по мечот изјави дека доминацијата во скокот му овозможила на неговиот тим да ги однесе бодовите од тешкото гостување.

„Тежок меч против одличен противник. Почнавме шутерски добро, а дефанзивно катастрофално, поради што на полувремето резултатот беше 63:57, резултат кој повеќе наликува на НБА „Ол Стар“ него на натпревар во АБА лигата. Во второто полувреме колегата Бајиќ се обиде со една нестандардна петорка каде Рајт играше како центар и со четири бека. Сакаше малку да не развлече во одбраната. Ние успеавме да го решиме тоа и тоа е единствениот период каде што нешто одигравме во одбраната. На крајот успеавме да победиме еден добар тим, кој е фавори за пласман на завршниот турнир. Нашата цел е да оствариме девет-десет победи, сега по четири кола имаме две победи. Секој натпревар за нас ќе биде голема борба, исто како што беше денес. Честитики до противникот и до моите кошаркари кои одиграа машки и покрај проблемите со личните грешки. Имавме 22 скока повеќе од противникот, тука издоминиравме и мислам дека во тој сегмент го добивме натпреварот“, рече Тодоров.

МЗТ на овој натпревар го предводеа Стојановски со 23, Минчев со 19, односно Трајковски и Бејли кои постигнаа по 17 поени.

Наредниот меч во АБА лигата МЗТ ќе го игра в понеделник, на 23 октомври кога во СЦ „Јане Сандански“ ќе ја пречека Цибона.

Scroll to Top