Top Sport

Тодоров и Стојановски: Сами влеговме во криза, сами мора да излеземе од неа

МЗТ по новиот пораз во АБА лигата се наоѓа во тешка ситуација и јасно е дека ќе се бори за опстанок во АБА лигата. МЗТ во неделата загуби од Мега Бемакс 72:95 и ова е втор пораз на домашен за тимот од Аеродорм од еден од дирктните конкуренти во борбата за опстанок, откако претходно загуби и во соочувањето со Задар.

„Лошо го започнавме мечот, не го испочитуваваме она што ни го кажа тренерот, им дозволивме на противниците да се разиграат. Ние сме во криза, сами во неа се доведовме и сами од неа треба да излеземе“, рече по мечот капитенот на МЗТ Дамјан Стојановски.

Дека МЗТ е во криза и дека игирте се под сите очекувања потврди и тренерот на екипата Александар Тодоров.

„Покажавме дека не можеме да играме добро во континуитет. Тоа ни се случува и во домашното првенство, но ова е многу посериозно натпреварување. Не можеме 30 минути да играме ваква кошарка и потоа да очекуваме со некаков напад да добиеме. Единствено можам да бидам задоволен од почетните пет минути во последната четвртина. Загубивме од директен конкурент во борбата за опстанок. Како што кажа Дамјан сами се доведовме во оваа ситуација и сами ќе се извлечеме од неа“, изјави тренерот на МЗТ.

Неговиот колега од Мега Бемакс е задоволен од победата и смета дека како што ќе одминува сезоната дека неговата екипа ќе игра уште подобро.

„Многу, многу важна победа за нас, особено по поразот од Цедевита во минатото коло, каде водевме со 17 поени, но го загубивме мечот. Успеавме да добиеме иако имавме повторно психолошки пад, кога МЗТ се доближи на пет поени, но го надминавме тоа и успеавме да победиме. Мислам дека вакви осцилации се нормални за една млада екипа. Мислам дека мојот тим полека созрева и како ќе одминува сезоната ќе играме се подобро“, рече тренерот на Мега Бемакс, Дејан Милојевиќ.

Scroll to Top