Кошаркарот на Голден стејт Вориорс, Клеј Томпсон ги оперирал вкрстените лигаменти во десното колено. Бекот на Вориорс се повреди во текот на последниот меч од финалната серија против Торонто Репторс.
Еден од најдобрите шутери на денешницата по завршувањето на сезоната имаше опција во договорот да ги напушти Вориорс, но тој реши да остане во клубот. Франшизата од Оукленд му понуди максимални услови, односно пет годишен договор вреден 190 милиони долари.
Томпсон, според лекарите на терените треба да се врати за пет до седум месеци, што значи дека тој за Вориорс би можел да заигра веќе по Новата година.
Голден стејт Вориорс ова лето останаа без Кевин Дурент, но успеаја да го донесат од Бруклин Нетс „Ол-стар“ играчот Дианџело Расел.
Исто така, Вориорс, за наредната сезона ги договориле центарот на Сакраменто Кингс Вили Коли-Стајн и крилото на Детроит Пистонс Глен Робинсон.