Top Sport

Тони Паркер има предлог: Крај на Евролигата, без шампион!

Покрај бројните спортски настани кои се суспендирани или одложени ширум Европа и светот поради пандемијата на коронавирусот, прекината е и кошаркарската Евролига.

Сите натпревари и активности на Евролигата се стопирани најмалку до 11 април, но се чини дека ќе мора рокот да биде пролонгиран.

Поранешниот ас на француската кошарка кој славата ја стекна во редовите на НБА тимот, Сан Антонио Спарс, актуелниот прв човек на Асвел, Тони Паркер денеска излезе со свој предлог како да се реши ситуацијата во Евролигата.

„Најпаметно решение во вој момент е сезоната да заврши, без шампион, без ниту еден тим да испадне и полека да почнеме да се подготвуваме за идната сезона. Факт е дека сите ќе претрпат големи загуби“ рече Паркер за „Л`Екип“.

Тој деновите на изолација ги поминува во САД, во Сан Антонио, со семејството. На лидерите на Евролигата им порача да престанат на клубовите да им даваат лажна надеж дека натпреварувањето ќе продолжи.

„Ќе биде многу тешко сето ова да се приведе кон крај затоа што ситуацијата со коронавирусот не се одвива во сите европски земји на ист начин. Целата работа зависи и од самата држава, но и од различните здравствени и сигурносни правила“ – истакна четирикратниот НБА шампион.

Клубот на Паркер – Асвел при прекинот на натпреварувањето , на 6 кола пред крајот на групната фаза се наоѓаше на 15-тото место во конкуренција на 18 тимови со скор од 10 победи и 18 порази.

Scroll to Top