Top Sport

Торонто на чекор до сензационална НБА-титула (видео)

Торонто репторс и вторпат ги победија Голден Стејт вориорс во „Оракл арената“ во Оукленд, овојпат со 92:105 (23:17, 23:25, 21:37, 25:26) за да поведат со 3:1 во НБА-финалето против актуелните шампиони.

Предводени од фантастичниот Кавај Ленард, Репторси ја направија клучната разлика во третата четвртина за да им го нанесат третиот пораз во финалната серија на Вориорси и да дојдат на една победа до првата титула. Кај Вориорс повторно отсуствуваше Кевин Дурент, но во игра се вратија Клеј Томпсон и Кевон Луни, кои не помогнаа да се избегне поразот.

Голден Стејт имаа подобар старт на мечот и предност од дури 11 поени, а и на полувреме отидоа со 46:42 предност. Во фуриозната трета четвртина, гостите постигнаа 37 поени, за да направат предност од 12 поени, која беше доволна за победа.

Ленард имаше 36 поени и 12 скока за Торонто, Ибака додаде 20, а Сиакам 19, додека Томпсон беше најефикасен за Голден Стејт со 28 поени, еден повеќе од Стеф Кари. Репторс сега можат да ја потврдат титулата во понеделник наутро (3.00 часот по македонско време).

Scroll to Top