Кошаркарите на Црвена звезда ја завршија сезоната 2024/2025 со поразот од Спартак во вториот натпревар од полуфиналната серија во домашниот шампионат. Елиминацијата на црвено-белите е сензационална бидејќи, актуелниот првак, прв пат по 14 години не успеа да се пласира во финалето.
По елиминацијата, тренерот на Црвена звезда, Јанис Сферопулос, го деактивирал својот профил на социјалната мрежа „X“.
Според портал „Нова С“, по поразот на црвено-белите во Суботица од Спартак, навивачите на црвено-белите биле крајно незадоволни.
„Серијата лоши резултати кулминираше со дебакл во домашното првенство, а разочараните навивачи лансираа лавина од навреди на социјалните мрежи, особено на платформата „X“ (поранешен „Твитер“), која Сферопулос редовно ја користеше. За жал, во тој поплава од коментари имаше крајно несоодветни и брутални пораки, вклучително и закани со смрт, поради што тренерот на Звезда одлучи да го исклучи својот профил и да се повлече од социјалните мрежи“, пишува „Нова С“.