Top Sport

Трипл-дабл со 60 поени, историски натпревар за Лука Дончиќ

Лука Дончиќ влезе во историјата на НБА во неверојатната победа на Далас против Њујорк Никс 126:121. Словенецот стана првиот играч со 60 поени и над 20 скока (21) на еден натпревар. Тој го собори рекордот на франшизата по број на поени и со 10 успешни додавања стигна до седмиот трипл дабл сезонава.
Далас успеа да го победи Њујорк и покрај тоа што губеа со 112:103 на 33 секунди до крајот. На волшебен начин останаа во мечот, со тројките на Крис Вуд и Спенсер Динвиди. На четири секунди до крајот беше 115:112 за Никс. Гостите решија да направат прекршок врз Дончиќ.

Лука го погоди првото фрлање, а второто намерно го промаши. Ја фати топката и потоа поентираше на една секунда до крајот и го одведе мечот во продолжение.

Немаше голема драма во дополнителните пет минути и Далас без многу мака стигна до неверојатен триумф. Дончиќ со оваа своја партија (21/31 шут од игра, 2/6 тројки, 16/22 слободни фрлања) уште еднаш ја истакна кандидатурата за МВП на сезонава.

Од друга страна актуелниот МВП, Никола Јокиќ остана на чекор до трипл-дабл. Со 20 поени, девет скока и 14 асистенции тој го предводеше Денвер до победа во Сакраменто 113:106. Денвер славеа против Кинг и покрај тоа што во втората четвртина имаа минус од 20 поени (44:24).

Денвер со 22 победи и 11 порази се лидери во Западната конференција.

Резултати:

Орландо – ЛА Лејкерс 110:129
Вашингтон – Филаделфија 116:111
Бостон – Хјустон 126:102
Индијана – Атланта 129:114
Торонто – ЛА Клиперс 113:124
Мемфис – Феникс 108:125
Оклахома – Сан Антонио 130:114
Голден стејт – Шарлот 110:105

Scroll to Top