Претседателот на Кошаркарската асоцијација на Грција, Вангелис Лиолиос, беше уапсен во рамките на голема полициска операција под сомнение за поткуп и местење кошаркарски натпревари.
Во рамките на истата истрага, издадени се вкупно шест налози за апсење, а меѓу осомничените има судии со искуство во Евролигата, како и службени лица задолжени за судењето.
Според грчките медиуми, поранешниот судија на Евролигата Елиас Коромилас, активната судијка Василики Царуха, како и Петрос Папапетру, Анастасиос Пилоидис и Јоргос Мавраганис се меѓу лицата опфатени со истрагата.
Мавраганис и Царуха наводно биле во Истанбул, а според извештаите од Грција, тие биле приведени по враќањето на аеродромот. Осомничените треба да бидат сослушани пред истражен судија додека трае истрагата.
Сомневањата се однесуваат на поткуп и манипулација на кошаркарски натпревари, а според грчките медиуми, за одредени кривични дела се предвидени затворски казни до пет години.
Посебно внимание привлече фактот дека при претресот на куќата на еден од судиите во Катерини беа пронајдени повеќе од 800.000 евра во кеш.
Потеклото на парите и можната поврзаност со случајот се предмет на понатамошни проверки од страна на истражните органи.
Овој случај предизвика големо внимание во грчката спортска јавност поради позицијата што ја имаше Лиолиос, но и фактот дека меѓу лицата опфатени со истрагата има судии поврзани со европската кошарка.
Сопственикот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, во изминатите неколку дена зборуваше за случувањата во грчката кошарка, а неговите коментари повторно се најдоа во центарот на вниманието откако избувна скандалот.
Foto/ Depositphotos
