Top Sport

Украинците ја изненадија Италија, Србите безмилосни против Финска

Украина важеше за аутсајдер, но ја изненади Италија и стигна до третата победа на Евробаскет. Ова е голем удар за „аѕурите“ кои го доживеаја вториот пораз во третиот меч. Украинците славеа со 84:73, откако доминираа во последната, решавачка, четврта четвртина од дуелот.

Италија го доби првиот период со 21:16, а на полувреме замина со четири поени предност. Но, Украинците се вратија во егал пред завршниот четврти период, а потоа додадоа гас.

Свјатослав Михаилјук беше најефикасен со 23 поени, а Санон и Ткаченко го следеа со по 17.

Србија беше безмилосна и ја декласира Финска со 100:70 за трет триумф во исто толку натпревари. Веќе по првата четвртина Србите најавија дека нема да препуштат ништо на случајот откако ја добија со 33:22. Постојано ја зголемуваа предноста, а селекторот Светислав Пешиќ им даде шанса речиси на сите кошаркари.

Најефикасни беа Мициќ и Недовиќ со по 14 кошеви, а кај Финска единствен расположен беше Марканен со 18 поени.

Scroll to Top