Виктор Вембањама одигра натпревар за аналите на НБА лигата, со 38 поени ги предводеше Сан Антонио Спарс до победа над Чикаго Булс со 121:117. Францускиот феномен постигна 18 од своите 38 поени во последната четвртина, обезбедувајќи ја третата победа по ред на Спарс и прва во Чикаго од 17 март 2021 година.
Вембањама исто така забележа 12 скока и пет блокади. Тој погоди шест тројки и стана првиот играч во историјата на НБА што постигнал најмалку 35 поени, 10 скока, пет асистенции, пет блокади и пет тројки во еден натпревар.
Булс имаа водство од 104:91 пред Вембањама сам да направи неверојатна серија од 10:0. Со неговиот кош и тројка, Спарс дојдоа на три поени разлика седум минути пред крајот.
Де’Арон Фокс додаде 21 поен за Спарс, Касл имаше 19 поени и 11 асистенции, додека Лук Корнет заврши со 16 поени.
Во Чикаго, кој играше без Џош Гиди поради повреда на десниот глужд, Кевин Хуертер беше најефикасен со 23 поени. Ајо Досунму и Тре Џонс постигнаа по 20 поени, додека Џејлен Смит имаше 11 поени и 12 скока.
За Чикаго, ова беше четвртиот пораз во последните пет натпревари. Булс шутираа со слаби 28 проценти од поле во последната четвртина, во споредба со 43,5 проценти на Спарс.
Драматична победа, по едно продолжение забележа Мајами Хит над Кливленд Кавалирс (140:138). На 0,4 секунди до крајот Ендру Вигинс со забивање им донесе победа на Хит.
Најефикасни играчи на Мајами беа Пауел со 33 поени, Вигинс со 23 и пет асистенции, Хакез имаше 22 поени, 13 скока и седум асистенции.
На другата страна, Мичел се истакна со 28 поени, 15 скока и осум асистенции, Деандре Хантер со 23 поени и Еван Мобли со 21 поен, 10 скока и пет асистенции.
Резултати:
Шарлот Хорнетс – ЛА Лејкерс 111:121
Детроит Пистонс – Вашингтон Визардс 137:135
Орландо Меџик – Портланд Блејзерс 115:112
Далас Маверикс – Милвоки Бакс 114:116
Феникс Санс – Њу Орлеанс Пеликанс 121:98
Јута Џез – Минесота Тимбервулвс 113:120
ЛА Клиперс – Атланта Хокс 102:105
