Ветеранот Расел Вестбрук (35) официјално стана играч на Денвер Нагетс. Вестбрук со франшизата од Колорадо потпиша двегодишен договор вреден 6,8 милиони евра. Веста за трејдот на Вестбрук во таборот на Нагетс ја објави добро информираниот НБА инсајдер Шамс Шаранија. .
Поранешниот кошаркар на Оклахома, Хјустон, Вашингтон, Лејкерс и Клиперс во Денвер ќе му се придружи на Никола Јокиќ, кој инсистираше на неговиот трансфер.
Вестбрук беше трејдуван од Клиперс во Јута, по што „џезерите“ го откупија неговиот договор и кошаркарот стана слободен играч.
Нагетс добија играч кој во текот на кариерата беше она што денес е Никола Јокиќ, трипл-дабл машина. Вестбрук се уште го држи НБА рекордот по бројот на натпревари во кои забележал двоцифрени бројки три статистички категории.
Тоа го направи на 199 натпревари.
Покрај тоа, тој ја освои титулата МВП во сезоната 2016/2017, два пати беше најдобар стрелец во лигата, девет пати учествуваше во „Ол-стар“ натпреварот и неодамна беше избран меѓу најдобрите НБА играчи на сите времиња.
Денвер, секако, не ја добива најдобрата верзија на Расел Вестбрук, ниту блиску до тоа, туку играч кој пред се со своето искуство може да придонесе Јокиќ и неговиот тим да го задржат највисокиот квалитет на игра.