Бостон Селтикс на домашен терен го декласираа Феникс Санс со резултат 123:103. Доминацијата на актуелниот НБА шампион беше евидентна уште од самиот старт на натпреварот, во ниту еден момент немаше дилема кој ќе победи во „Ти Ди Гарден“.
Разликата Бостон започна да ја прави во финишот на првиот период, благодарение на серијата од 8:0, што му донесе предност од девет поени (31:22). Почетокот на вториот дел донесе уште поголем налет на домашните, кои направија дополнителна серија од 12:0, го зголемија водството на +20 (46:26) и практично го решија прашањето на победникот.
Селтикси во текот на целиот натпревар ја контролираа играта и имаа двоцифрено водство, не дозволувајќи му на ривалот да се доближи. Триумфот против Феникс беше нивни 57-ми сезонава, што дополнително ја зацврсти нивната позиција како фаворити за уште еден шампионски прстен.
Покрај убедливата победа, Бостон собори и важен НБА рекорд. Веќе во првото полувреме стигнаа до вкупно 1.364 тројки во сезоната, со што го надминаа претходниот рекорд кој го држеше Голден Стејт од сезоната 2023/24.