Top Sport

(Видео) Дончиќ и Кајри ги решија Лејкерси, Бостон и Минесота славеа против Милвоки и Филаделфија

Foto/ EPA

Кошаркарите на Далас го добија дербито во Лос Анџелес против Лејкерс со 104:101, Бостон го победи Милвоки со 119:116, а Минесота славеше во дуелот со Филаделфија 112:99.

Натпреварот во Арената „Крипто.ком“ го одбележаа Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг, кои го надиграа тандемот на Лејкерси Леброн Џејмс-Ентони Дејвис.

Словенецот го заврши мечот со 30 поени, 12 скока и осум асистенции, а Кајри забележа 28 поени.

Дончиќ блескаше во ЛА, а потегот кој го обележа натпреварот го направи во втората четвртина кога низ нозете на Леброн му асистираше на Џош Грин.

Леброн беше најдобар кај Лејкерс со 26 поени, девет скока и седум асистенции, додека Ентони Дејвис потфрли, постигна само 10 поени.

На Западот Далас е изедначен со Денвер со учинок 10-5, Оклахома е втора (11-4), а актуелен лидер е одличната Минесота (11-3) по победата над Филаделфија од 112:99.

Фила играше без Џоел Ембиид, кој одмораше поради болка во колкот.

Ентони Едвардс и Карл Ентони Таунс беа првите виолини во триумфот, со 31, односно 23 поени.

Бостон и Милвоки го одиграа дербито во Масачусетс, кое им припадна на Селтикс со 119:116.

Домашното трио Тејтум, Браун и Порзигинс и овојпат работеше перфектно и го предводеше тимот до победа против Бакс, кои ги имаа најдобрите поединци во Лилард, Лопез и Адетокумбо.

Тејтум мечот го заврши со 23 поени, најефикасен беше Браун со 26, додека Летонецот придонесе со 21 поен.

На другата страна офанзивно се истакна Лопез со 28 поени, Лилард додаде поен помалку, додека Јанис беше трет стрелец во поразот – постигна 21 поен.

Scroll to Top