Кошаркарите на Оклахома Сити Тандер успеаја да го вратат брејкот и да триумфираат на гостинскиот терен во Индијанаполис. Тандер го победија Индијана Пејсерс со 111:104.
Во натпревар полн со драма и пресврти, Пејсерс изгледаа како тим кој има целосна контрола на она што се случува на теренот, двоцифрено водство, поддршка од полна сала и моментум на нивна страна.
Сепак, сето тоа падна во вода во неизвесна завршница, во која Оклахома покажа поголема смиреност и зрелост во одлучувачките моменти. Најголемата заслуга за пресвртот оди на сметка на Шеј Гилџис-Александер, кој постигна 15 од последните 16 поени на својот тим во последните четири минути.
На крајот од натпреварот, Шеј постигна 35 поени (11/20 за двојки, 1/4 за тројки, 10/10 слободни фрлања), три скока, три украдени топки и една блокада. Покрај него, значаен придонес даде Џејлен Вилијамс со 27 поени и седум скока, додека Алекс Карусо се истакна со 20 поени и дури пет украдени топки. Чет Холмгрен доминираше во натпреварот со 14 поени и 15 скока, од кои многу дојдоа во клучни моменти на почетокот на последниот период, додека Оклахома се враќаше во игра.
Од другата страна, Пејсерс се распаднаа под притисокот. Бенедикт Матурин, херојот од третиот натпревар кога го предводеше тимот со 27 поени, беше трагичар. Во самиот финиш промаши три слободни фрлања по ред, направи два непотребни фаули.
Паскал Сиакам беше најефикасен за Индијана со 20 поени, осум скока, пет асистенции и пет украдени топки. Тајрис Халибартон запиша 18 поени и седум асистенции, Оби Топин додаде 17 поени со седум скока.
Серијата сега се сели во Оклахома Сити, каде што Тандер ќе се обидат да се приближат на чекор до титулата пред домашната публика. Петтиот натпревар е закажан за ноќта помеѓу понеделник и вторник во 2:30 часот по средноевропско време.