Top Sport

(Видео) Тепачка во НБА , судиите поделија 12 технички и седум исклучувања

Тепачка и седум исклучувања го обележаа натпреварот меѓу Минесота и Детроит во НБА лигата.

Пет кошаркари и двајца тренери беа исклучени по тепачката во втората четвртина. Детроит остана без главниот тренер Џеј Бикерстаф, центарот Исаја Стјуарт, крилото Рон Холанд и бекот Маркус Сусер. Исклучени кај Минесота беа крилото Наз Рид и бекот Донте ДиВинченцо, како и помошникот тренер Пабло Приџони.

„Очигледно работите отидоа предалеку“, рече Бикерстаф. „Но, она што го гледате е дека момците се грижат еден за друг, се штитат еден со друг, со го чуваат грбот. Тоа се работи за кои не може да се преговара во нашата соблекувална“.

Тепачката изби на 8:36 до крајот на полувремето, додека Пистонс водеа 39:30. Стјуарт доби техничка грешка неколку моменти претходно откако силно го удри ДиВинченцо по свирежот на судијата.

Потоа Холанд направи прекршок кога ја исфрли топката од рацете на Рид во близина на основната линија.

Двајцата си разменија зборови, ДиВинченцо се приближи и го фати Холанд за дресот, а набрзо во толпата се најдоа сите 10 играчи на теренот, како и неколку тренери и членови на медицинскиот персонал.

Додека играчите се разделуваа, Бикерстаф и Приџони викаа еден на друг и мораа да бидат разделени.

Целата сцена се одвивала на само шест метри од новиот сопственик на Тимбервулфс, Алекс Родригез, кој по инцидентот се приближил од своето седиште покрај теренот и очигледно повикал помош за младиот навивач кој се нашол среде метежот.

Натпреварот имаше дури 12 технички грешки, најмногу во еден натпревар во НБА од 23 март 2005 година, според податоците на „ОПТА“.

Тимбервулфс успеаја да ја поништат раната негатива од 16 поени и да ги совладаат Пистонс со 123:104.

Scroll to Top